ФОТО | Талат Џафери се сретна со членовите на делегацијата на МПК – Република Северна Македонија и ЕУ
Претседателот на Собранието Талат Џафери се сретна со европратениците Андреас Шидер, Марион Валсман, Александар Јорданов, Богдан Рзонца и Тијс Реутен, кои учествуваат на дводневниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Северна Македонија и ЕУ, тело за парламентарен дијалог меѓу пратениците на Собранието и на Европскиот парламент.
На состанокот, како што информираше собраниската прес-служба, присуствувале и пратеничката Соња Мираковска во функција на ко-претседавач на Комитетот од страна на Собранието, амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Џафери изразил задоволство што Собранието е домаќин на 21. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет и уверување дека во текот на следните два работни дена пратениците ќе имаат успешна размена на мислења за повеќе теми врзани за нашата евроинтеграција.
„Во однос на Резолуцијата за напредокот на Северна Македонија за 2022 година, која треба да биде усвоена во Европскиот парламент, изрази очекување таа да биде објективна и да го содржи напредокот на земјата врзан за Копенхашките критериуми. Информираше дека скрининг процесот е во поодмината фаза и дека се очекуваат патоказите кои ќе произлезат од процесот, кои државата е спремна да ги исполни на највисоко ниво. Нагласи дека се работи посветено на домашните реформи врзани со поглавјата и законодавството на ЕУ, а постигнато е и целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ во однос на санкциите кон Русија поради инвазијата на Украина“, се наведува во соопштението.
Претседателот на Собранието се осврнал и на претседателството на државата со ОБСЕ и нагласил дека тоа е голема чест и одговорност.
Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет од страна на Европскиот парламент, Андреас Шидер оценил дека односите со Северна Македонија се многу важни и ја поздравил одлуката државата да продолжи по европскиот пат. Тој посочил дека членството во Унијата подразбира бројни реформи и го поздравил исполнувањето на сето она што е направено досега, но, додал дека секогаш може да се направи повеќе.
Шидер ја истакнал важноста дека треба да постои единство меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата на патот кон Европската унија и изразил надеж дека во текот на работата на Мешовитиот парламентарен комитет ќе биде демонстрирано дека европскиот пат за Северна Македонија е можен и дека европратениците се тука членството да стане реалност колку што е можно побрзо.
На средбата станало збор и за дијалогот Жан Моне, кој се води под покровителство на Европарламентот со цел унапредување на процедурите дефинирани во Деловникот на Собранието. Начелно се согласиле идната заедничка средба на работната група да се реализира во октомври.