ФОТО | ТРАДИЦИЈАТА ПРОДОЛЖУВА – Обичај под маски ,,Ѕвегорска Сурова” и годинава во делчевското село Ѕвегор
Во делчевското село Ѕвегор и годинава за празникот „Василица” продолжи стогодишниот обичај под маски наречен Ѕвегорска Сурова.
Во рамки на настанот околу стотина маскирани лица од пет часот наутро започнаа со посета на домовите на жителите на Ѕвегор, кои ги даруваат со разни намирници, додека учесниците го извикуваат традиционалниот поздрав „Сурова“, на тој начин честитајќи им ја Стара Нова Година.
Најзначајна маска, како што вели Ване Стоиловски, долгогодишен учесник на Ѕвегорска Сурова е невестата, која не се открива, за што се задолжени маскираните „белаци”, кои го спречуваат секој обид да го откријат нејзиниот идентитет.
„Ѕвегорска Сурова се организира повеќе од еден век. Порано мештаните оделе навечер, но поради Турците почнале да одат сабајле, бидејќи им ги растурале маските. Се поминува цело село, ниедна куќа не се одминува, за да не биде деградиран некој. Не даруваат домаќините со ракија, овошје, грав, месо, а настанот трае до попладневните часови кога се открива невестата кај селската чешма. Потоа одиме на вечера спонзорирана од Општината, таа и годинава ни даде поддршка, а имаме и други спонзори. На крај кај кого се падне паричката, тој е кум за следната година“, вели Ване Стоиловски.
За домаќинките од Ѕвегор чест е да се пречекаат суроваскарите на традиционален начин, како што тоа се правело и кога биле млади.
„Има хумористични моменти, има весели моменти додека доаѓаат во посета на домовите. Ги пречекуваме со пача, со баница, со се што е потребно имаме трпеза за суроваскарите. Јас сум 53 години тука во Ѕвегор, кога дојдов тука беше истиот начин на одржување на сурова и тогаш, се досега, а мислам дека и така ќе остане. Да се живи и здрави сите и среќна Стара Нова Година“, вели жителка на село Ѕвегор.
Настанот се одвива на главната селска улица каде возачите кои поминуваат на пат кон соседна Бугарија.
Организацијата на настанот годинава е на кумовите на годинешната „Сурова“, Давид Захариев и Дарио Ивановски со поддршка на спонзори и од Општина Делчево.