ФОТО | Црвен крст симулираше прва помош при земјотрес на вежбата „Хуманитарен одговор 2023“

Со симулација на прва помош при итна ситуација – земјотрес, Црвениот крст денеска кај Градски Парк во Скопје ја одржа вежбата „Хуманитарен одговор 2023“.

Целта на вежбата беше да се претстават капацитетите, можностите и подготвеноста на Црвениот крст на Северна Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на настанот истакна дека ова вежба ги покажа сите позитивни страни од партнерството меѓу државните институции и граѓанските организации, како и интерсекторската поврзаност и меѓуинституционалната соработка. 

– Токму како настани како денешниот се отвора простор за унапредување на координацијата и на комуникацијата како клучни аспекти во системот на кризниот менаџмент, посочи Пендаровски.

Тој нагласи дека е нужно да работиме и да придонесуваме за подготвеноста на институциите и граѓанските организации како Црвен Крст, за да имаме брз и адекватен одговор во итни и кризни ситуации.

– Не помалку значајна за квалитетен одговор на кризните ситуации е меѓународната соработка, односно поддршката, пред се од нашите сојузници, партнери и соседи. Сето ова дава дополнителна сигурност кај нашите граѓани и увереност дека во случај на потреба, меѓународната солидарност нема да изостане, рече претседателот.

Генералниот секретар на Црвен крст на Република Македонија, Саит Саити, посочи дека кризите и катастрофите кои се дел од нашето секојдневие, во регионот и пошироко, наложуваат постојана инвестиција во градење на одржливи капацитети за подготвеност.

– Земјотресите, пожарите, поплавите, епидемиите, миграциите, бегалците, како и другите хуманитарни предизвици ни наложуваат постојано да инвестираме во она што го можеме и го правиме најдобро, со цел да додадеме заеднички придонес во градење на одржливи капацитети за подготвеност, ефективен одговор и опоравување од катастрофи со примарна цел да обезбедиме поддршка за погоденото население при катастрофи или хуманитарни кризи, рече тој.

Она што најмногу го радува, како што истакна, е дека успеавме да покажеме дека сите ние може да си обезбедуваме комплементарна поддршка која директно или индиректно може да има позитивни влијанија врз добросостојбата на луѓето, особено при случување на поголеми катастрофи.

Учесници на вежбата беа Црвениот Крст на Северна Македонија, Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата на Република Северна Македонија, Итна медицинска помош – тријажен центар и укажување на прва помош.

Понатаму, на вежбата учествуваа Министерство за труд и социјална политика, Македонска радио телевизија – медиумско информирање за кризната состојба, Противпожарната територијална единица, Комора на психолози, Агенција за храна и ветерина, Црвениот крст на град Скопје.

Покрај нив, учесници се и општински организации на Црвениот крст, Тимови на Национални друштва од регионот (Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Германија), претставници од универзитетите во Северна Македонија (УКИМ, УГД, УКЛО), независни експерти од областа и различни тела од Системот за управување со кризи (СУК), на локално и регионално рамниште.