„Ф1“ е најпрофитабилниот филм во кариерата на Бред Пит: Еве колку милиони заработил

Филмот за Формула 1 со Бред Пит во главната улога продолжува да остварува неверојатни добивки на глобалните бокс-офиси, заработувајќи повеќе од 540 милиони долари за само шест недели од неговото објавување.

Во шестата недела од прикажувањето, тркачкиот спектакл стана филм со најголема заработка во кариерата на Пит, надминувајќи го претходниот рекордер „Светска војна З“ од 2013 година, кој заработи 540 милиони долари глобално.

„Ф1“  оствари глобален профит од 545,6 милиони долари. Само на меѓународните пазари заработи 372,3 милиони, со исклучително силен раст во земји како Јужна Кореја, каде што забележа зголемување на гледаноста од 36 проценти во споредба со претходниот викенд, според Deadline. 

Бред Пит го толкува ликот на Сони Хејс, поранешна ѕвезда на Формула 1 чија кариера е прекината по сериозна несреќа. Триесет години подоцна, тој е номадски возач кој се натпреварува каде и да се појави можност, сè додека не го контактира поранешниот соиграч Рубен Сервантес, сопственик на тим од Формула 1 кој е на работ на пропаѓање.

За да го спаси тимот и повторно да се обиде да стане најдобар во светот, тој ќе вози рамо до рамо со Џош Пирс, млад почетник кој сака да си постави свои правила. Но, патот е немилосрден, а искупувањето доаѓа преку пот, бензин и неизвесност.

Покрај Пит, во филмот глумат и Хавиер Бардем, Дамсон Идрис и Кони Кордон. Режисер е Џозеф Косински.