Хамас го проучува планот за прекин на огнот и ослободувањето на заложниците

Политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, потврди дека го проучува новиот предлог за прекин на борбите во Појасот Газа.

Ханије изјави дека групата била поканета да разговара за рамката воспоставена од Израел, САД, Катар и Египет, јавува Би-Би-Си.

Оваа рамка, наводно, предлага шестнеделен прекин на огнот, кога повеќе израелски заложници ќе бидат разменети за палестински затвореници.

Ханије нагласи дека приоритетите на Хамас се траен прекин на огнот и целосно израелско повлекување, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли.

Нетанјаху инсистираше на тоа дека војната нема да заврши додека не се постигне „тотална победа“, што според него значи елиминација на Хамас и ослободување на сите заложници.

Конфликтот меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври, кога членовите на милитантната група ги нападнаа јужните израелски заедници, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа 250 заложници; со ракети го нападнаа и Тел Авив.

Израел во знак на одмазда почна да го бомбардира појасот Газа, а досега се зборува дека се убиени повеќе од 25.000 Палестинци.