Хрватска бара забрана за настапот на Лепа Брена: „Пееше во униформа на српските терористички вооружени сили“

Здруженијата на ветерани од островот Крк бараат забрана за настапот на Лепа Брена во ноќен клуб во Малинска. Најавено е дека таа ќе одржи два настапи таму овој викенд.

Доколку ѝ биде дозволено да пее, тие најавија дека ќе одржат протести и ќе преземат „други мерки“ за да спречат ова да се случи.

„Здруженијата на бранителите на островот Крк остро го осудуваат јавниот настап на српската фолк пејачка Фахрета Јахиќ Живојиновиќ, попозната на сцената како Лепа Брена. Имено, за време на ужасите и страдањата од војната во Босна и Херцеговина, против муслиманскиот и хрватскиот народ, таа јавно настапи во униформа на српските терористички вооружени сили, кои палеа, ограбуваа, прогонуваа, окупираа градови и села, а од територијата на Босна и Херцеговина секојдневно ги бомбардираа градовите Жупања, Славонски Брод и други погранични градови во Република Хрватска со Босна и Херцеговина со топови и тенковски гранати, при што убиваа голем број граѓани на Република Хрватска, вклучително и деца“, изјавија тие, како што објави fiuman.hr.

Тие исто така изјавија дека „носејќи ја униформата на криминалната српска армија и давајќи поддршка на фронтовските линии, таа активно учествувала во поддршката на прогонот, убивањето и силувањето на несрпското население“.

„Не можеме и нема да ги поддржиме таквите поединци и ѕвезди, и соодветно на тоа јавно го осудуваме нејзиниот настап и бараме од надлежните институции да го забранат, да го откажат и да не го одржат. Во спротивно, ќе се спротивставиме на одржувањето на овој јавен собир преку јавни протести и други законски засновани дејствија“, заклучија тие.

За потсетување, таа претходно изјави дека не носела униформа на Војската на Република Српска. Таа тврди дека отишла во окупираното Брчко за да го спаси својот татко и дека за сопствена безбедност, потоа носела лажна униформа што претходно ја носела за време на снимањето на видеото.