Христијан Мицкоски: “Нема да има уставни измени под бугарски диктат, единствениот излез од политичката криза се избори“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали земјава е во политичка криза и кој е излезот од блокадата на евроинтегративниот пат на државата, изјави дека нема да влегува во разговори каде што контура на тие разговори, како што кажа, ќе биде бугарскиот диктат и дека излезот од кризата се само избори.
„Уставни измени под бугарски диктат не само што нема да прифатиме туку категорично ги отфрламе и ги одбиваме. Што се однесува за излезот, излезот се избори. Очигледно е дека изборот се избори и тоа е нај логичното нешто што може во моментот да се случи. Час поскоро да имаме избори, притисокот којшто се случува во општеството да биде катализиран“, изјави Христихан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Аеродром.
Додаде дека главната политика на Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски се распаѓа и упати повик да се излезе на избори.
Тој исто така во одговор на новинарско прашање истакна дека на предлог на ЦДУ во минатото, во владата на канцеларката Ангела Меркел има многу поцврста Резолуција која посилно ги брани македонските идентитетски одредници и дека кога Германија претседаваше со ЕУ во тоа време, во тогашниот предлог ниту билатералниот договор беше во преговарачката рамка, ниту пак се отвораше прашањето за македонскиот јазик, а историјата и останатите идентитетски одредници не се ни споменуваа.
Христихан Мицкоски коментираше дека според последните мерења на јавното мислење во Германија, ЦДУ ќе биде победник на следните избори и изрази надеж дека Фридрих Мерц ќе биде идниот канцелар.
„Ја следам пропагандата која што доаѓа од СДСМ и сум изненаден, затоа што со денови го прозиваат ВМРО-ДПМНЕ зошто ЦДУ не гласала за Резолуцијата. Кога мислите дека го допреле дното, тие ви кажуваат дека сте песимист, требало да сте оптимист, бидејќи можеле подлабоко да одат“, изјави Христихан Мицкоски.
Додека на прашањето околу неговиот став во врска со ветингот во судството, кажа дека пред да влеземе во тој ветинг на судството, тој предлага да се искористат постојните законски надлежности што ги има и Управата за јавни приходи и останатите институции во земјава и да се направи ветинг на политичарите.
„Во Македонија многу е лесно да се испита стекнатиот имот и доволно е да се видат луксузно изградените недвижности и луксузни автомобили кои се возат по македонските патишта, на чии сопственици ако им се побараа потеклото на стекнатиот имот ќе се види дека пријавен им е само еден процент од тоа што поседуваат“, додаде тој.
Тој исто така нагласи дека не се потребни импровизации и дека според постоечките македонски закони, може да се провери и да се види кои политичари и нивните семејства, кои стекнале огромни богатства, изминатите три децении ја краделе Македонија.