Христијан Мицкоски: “Убеден сум дека ДУИ ќе оди во опозиција, ќе дадеме шанса за коалиција со сегашната опозиција“
Убеден сум дека на следните избори ДУИ ќе биде многу непријатно изненаден од бројот на освоени гласови и пратеници во македонскиот Парламент, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Република.
Тој дополнува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе и даде шанса на т.н албанска опозиција.
„Ова раководство на ДУИ и дел од луѓето кои се дел од него се сериозно според индициите и информациите кои ги имаме, длабоко вплеткани во криминал. Нашата посакувана опција е така наречената албанска опозиција. Видовме пред некој ден окрупнување околу таа опозиција“, вели Христијан Мицкоски.
Според него, треба да им се даде шанса на ДУИ да поминат во опозиција одреден период, како што вели, да се освежи со нови идеи, бидејќи сега се конфузни и испраќаат лоша порака.
„Гледате како од онаа зелена агенда почнаа до обединета Албанија. Водат политика од денес за утре. Додека одат од еден на друг споменик се возат во Ролс Ројс, Мајбах, купуваат мултимилионски имоти. Пораката не е добра“, изјави Христијан Мицкоски.
Тој вели дека на претстаојните парламентарни избори ќе биде носител на листа во првата изборна единица.
„Јас сум роден во Скопје, тука сум израснат, живеам во општина Карпош, општина Карпош е дел од изборната единица 1 и логично е тоа да биде практично единицата во која што би ја предводил листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, потенцира Христијан Мицкоски.
Се осврнува и на случајот Онкологија, истакнувајќи дека е преседан на кој што мора да му се стави крај и оти потребни се имиња, односно да се впери прстот кон вистинските виновници и да не се генерализираат работите.
„За оваа афера има многу прашања но нема одговори, воопшто не знаеме ни дали има предистрага, но знаеме дека оваа канцер мафија и омилената веледрогерија се во една тесна коалиција и јас ви ветувам дека за неколку месеци од денеска, кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи владата во Македонија, сериозно ќе се занимава со работењето на оваа клиника“, вели Христијан Мицкоски.