Шекеринска: Зголемените буџети во одбраната се со цел да избегнеме воено сценарио

Зголемените буџети за одбрана и зголеменото производство на воена опрема се со цел да избегнеме војна – да бидеме подготвени да одбиеме напад. Ова во интервју за „360 степени“ синоќа го изјави ексминистерката за одбрана и актуелна заменик-генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во врска со зголемување на буџетите за одбрана на земјите членки на Алијансата.

Целта на НАТО, како што вели, секогаш била одбранбена, а не агресивна – да дава и да гарантира безбедност на една милијарда луѓе, а не да освојува нови територии.

„Но, очигледно, промените во светот покажуваат дека за да спречите идна војна мора да се подготвувате за таа војна. И инвестициите коишто се прават сега со зголемени буџети за одбрана, со зголемување на производството на воена опрема, мислам дека се јасно во таа насока. Да бидеме подготвени за да одбиеме напад. Да бидеме подготвени за да не даваме идеи на оние коишто сметаат дека преминувањето на границата може да значи и освојување на туѓа територија ако таа територија е дел од Алијансата. Значи, да, тоа е дел од политиката на одбрана на Алијансата. Да имаме соодветно производство, соодветно трошење од буџетите, издвојување од буџетите за одбрана“, вели Шекеринска во интервјуто за „360 степени“.

Како пример ја посочи Украина, која, како што вели, издвојува 20 отсто од својот БДП за финансии во одбраната.

„Подобро е да инвестирате со време за да го избегнете военото сценарио. Затоа, да вложуваме за да не мора тие потези да ги правиме кога ќе биде предоцна“, додава таа.

Прашана во врска со пукнатината што се појави меѓу САД и највлијателните европски членки на НАТО во однос на начинот на кој треба да се бара мировно решение за Украина, Шекеринска вели дека не е ниту е прв ниту, пак, ќе биде последен пат патиштата на дел од влијателните земји членки малку да се раздвојуваат.

Сепак, вели има целосен консензус оти со поддршката на Украина се подобрува и сопствената безбедност.

„Добрата вест од овој министерски состанок, кој доаѓа во тежок момент, ние три години живееме тежок период за глобалната безбедност, за геополитичката стабилност во светот, е дека постои целосен консензус дека сите мораме да се сконцетрираме повеќе на создавање на нашата политика на одбивање и на одбрана. Дека земјите членки се согласни дека многу повеќе треба да се сконцентрираме на производство и на буџетски издвојувања во одбраната и дека со поддршката на Украина, всушност, ја подобруваме и сопствената безбедност. Се разбира дека имаше и има одредени разлики во нијанси. Пораката што дојде од САД и дека очекуваат Европа да понесе поголем дел од товарот за европската безбедност. Не затоа што сметаат дека САД не треба да се тука, туку затоа што сметаат дека предолго Европа, на некој начин, ја користела гаранцијата што ја обезбедувале и финансирале САД“, вели Шекеринска.