Министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли утре ќе престојува во работна посета на Северна Македонија, при што ќе се сретне со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Како што соопшти МНР, во фокусот на разговорите ќе бидат билатералните односи во рамки на стратешкото партнерство меѓу двете земји, сојузништвото во рамки на НАТО, предизвиците на претседавање на земјава со ОБСЕ, како и останатите актуелности од областа на надворешната политика.
Двајцата соговорници ќе одржат тет-а-тет средба, по што ќе следи средба меѓу делегациите на двете земји. Османи и Жоли ќе одржат и заедничка прес – конференција.
За време на престојот во Скопје, министерката Жоли ќе има средби и со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, како и со министерката за одбрана Славјанка Петровска.