Шокантно откритие на научниците: Литар флаширана вода има 400.000 честички од нанопластика

Во просек, еден литар флаширана вода содржи речиси четвртина милион речиси невидливи парчиња нанопластика, покажа новото истражување на научниците од универзитетите Колумбија и Рутгерс. Научниците користеле микроскоп со двојни ласери за првпат да детектираат и категоризираат парчиња пластика, пишува Sky News.

Гледајќи пет примероци од брендови на флаширана вода, научниците открија дека нивото на честички се движи од 110.000 до 400.000 на литар, со просек од околу 240.000, покажа студијата објавена во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.

Поголемиот дел од пластиката, се чини, дека доаѓа од самото шише и од мембранскиот филтер за обратна осмоза што се користи за запирање на други загадувачи, заклучи водечкиот автор на студијата, Наиџин Кијан, од Универзитетот Колумбија.

– Не знаеме дали е опасно или колку е опасно. Знаеме дека нанопластиката влегува во ткивата на цицачите, вклучително и луѓето, а сегашните истражувања го разгледуваат нејзиниот ефект врз клетките – додаде токсикологот Фиби Стејплтон.

Меѓународната асоцијација за флаширана вода соопшти дека медиумските извештаи за честичките во водата „не прават ништо повеќе од непотребно плашат потрошувачите“, додека Американскиот хемиски совет, кој ги претставува производителите на пластика, одби да ги коментира наводите.