Шон Пен сакаше да ги претопи своите Оскари во куршуми за „пукање на Русите“

Американскиот актер Шон Пен му подари една од неговите статуетки за Оскар на украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Киев во 2022 година со идеја дека статуата ќе биде „претопена во куршуми“ и ќе се користи за одбрана од руска инвазија.

Тој објасни дека по одлуката на Американската академија за филмски уметности и науки да не му дозволи на Зеленски да зборува на церемонијата на Оскар во 2022 година, решил на Зеленски да му подари статуа Оскар.

„Помислив, по ѓаволите… Ќе ги дадам на Украина. Може да се претопат во куршуми што ќе ги испукам кон Русите“, рече тој во интервју за магазинот „Варајети“.

Пен во кариерата освои два Оскари, двата во категоријата најдобар актер, во 2003 година за „Мистична река“ и во 2008 година за филмот „Милк“. Од почетокот на конфликтот во Украина, Пен веќе неколку пати го посети Киев, каде на Зеленски му врачи Оскар и вети дека ќе сними „документарен филм за Мајдан и воените операции“.

Во видеото објавено од Зеленски на Инстаграм во ноември 2022 година, може да се види како двократниот добитник на престижната филмска награда му го доделува Оскар на украинскиот лидер за време на нивната средба во Киев.

Зеленски на актерот му додели Орден за заслуги III степен за „искрена поддршка и значаен придонес во популаризацијата на Украина во светот“.