Финска повторно ќе ја затвори целата своја граница со Русија за да го запре приливот на баратели на азил, изјави денеска министерката за внатрешни работи Мари Рантанен, неколку часа откако оваа нордиска земја го објави двонеделното затворање на границата.
Хелсинки рече дека неодамнешниот пораст на баратели на азил кои доаѓаат преку Русија беше организиран од Москва како одговор на одлуката на Финска да ја зголеми одбранбената соработка со Соединетите држави, што Кремљ го негира.
Барателите на азил престанаа да доаѓаат откако Финска ја затвори границата кон крајот на ноември, но почна повторно во четвртокот откако беа отворени два од осумте гранични премини, при што 36 лица побараа азил, соопшти финската гранична полиција.
Советот на Европа изрази загриженост
– Сега тој тренд повторно почна и ќе ја затвориме целата граница – изјави Рантанен пред финскиот парламент. Околу 900 баратели на азил од земји како Кенија, Мароко, Пакистан, Сомалија, Сирија и Јемен влегле во Финска од Русија во ноември, според граничната полиција.
Советот на Европа во писмото објавено во понеделникот рече дека е „загрижен за правата на бегалците, барателите на азил и мигрантите“ по привременото затворање на границата и побара од Финска да обезбеди дека сè уште е можно да се побара заштита.