Шукова: Час поскоро да се формираат здруженија на колективни поставувачи со отпад од гуми, масло, текстил и возила

 – На два месеца до почетокот на примена на Законот за проширена одговорност на производители за четири нови текови на отпад: гуми, масло, текстил и возила, се уште не се формирани здруженија на колективни поставувачи со отпадот од страна на копмпаниите кои го произведуваат отпадот, потврди министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Колективните постапувачи, како што појасни Шукова, се здруженија коишто не ги формира државата, туку ги формираат компаниите коишто го произведуваат отпадот, коишто се одговорни за овој тип на отпад.

– Ние во неколку наврати преку стопанските комори потенцираме дека треба да се формираат и овие здруженија , како што има колективни постапувачи за електронскиот отпад, како што имате за отпад од пакување. Значи, ние апелите ги праќаме дека треба да се формираат. Оние компании коишто работат со ваков вид на отпад треба да се здружат и треба да ги формираат тие здруженија на колективен постапувач – дали е со гуми, дали е возила, и тие имаат таргети согласно законот коишто треба да ги исполнат и за тоа да платат одреден надоместок којшто треба утре да се врати назад во општеството, односно да се помогне најчесто на општините за да може да се намали загадувањето во случајот со отпад. И секако за да не оди тоа на депониите, тоа што беше праксата сега на комуналните или општинските депонии. Значи, час поскоро треба да се формираат тие здруженија. Ние она што можеме да го направиме е повторно уште еднаш преку стопанските комори, бидејќи постојано разговараме со нив, да им потенцираме дека рокот истекува и дека тие здруженија треба да се формираат во најкраток рок, рече Шукова во дебатната емисија на ТВ 24 „24 Анализа“ .  

Таа посочи дека Министерството го изготви овој закон чија имплементација почнува од 1 јануари 2024 година, каде што е наведено дека мора да се формираат овие здруженија колективни постапувачи за отпад од гуми, масло, текстил и возила, а со законот предвидени се и казни доколку не се почитува. Но, вели целта не е веднаш да се казнува.  

-Оваа пракса е од земјите членки на ЕУ, ние тој систем го пресликавме и така е утврден и со директивите, рече министерката Шукова.  

Според Мила Јовановска, еко активист, која ја истакна важноста на прашањето на формирање здруженија колективни постапувачи со овој вид индустриски отпад, како тој не би завршувал на комуналните депониите, ја нагласи и потребата од регистрација во регистарот на сите производители на отпад. Постои регистар при Министерството во кој се регистрираат фирмите коишто се производители на отпад, но, посочува Јовановска, што со оние коишто не се регистрирани таму и што со оние коишто нема да бидат дел од овие колективни постапувачи на отпад од 1 јануари 2024 година.