Трансфер сагата околу шведскиот напаѓач Виктор Ѓекереш се ближи кон крајот, а како што објави добро информираниот „Спортбладет“, тој ќе ја продолжи кариерата во Лондон.
Арсенал и португалскиот Спортинг моментално ги финализираат преговорите за последните детали, а се очекува договор да биде постигнат во следните неколку недели.
Вкупната вредност на трансферот би можела да биде околу 77 милиони евра, што би го направило Ѓекерес најскапиот шведски играч во историјата.
Ѓекерес во последните месеци беше поврзуван со неколку европски гиганти, вклучувајќи ги Арсенал, Манчестер Јунајтед и Јувентус. Неговиот агент Хасан Четинкаја веќе одржа неколку состаноци во Лондон, а извори блиски до преговорите тврдат дека шведскиот репрезентативец сега е само на чекор од преселба на „Емирати“.
Доколку трансферот се реализира по очекуваната цена, Ѓекереш ќе ги надмине претходните рекордни трансфери на шведски играчи – Златан Ибрахимовиќ, чиј трансфер од Интер во Барселона беше околу 64 милиони евра, и Александар Исак, кој од Реал Сосиедад се пресели во Њукасл за 70 милиони евра.
Да ве потсетиме дека „топџиите“ веќе неколку сезони се мачат со напаѓачките опции и нема сомнение дека евентуалното доаѓање на Ѓекерес би ја подигнало нивната игра на уште повисоко ниво.