Јаневска: Правиме истражување за вработување на студенти во Република Македонија, податоците ќе помогнат за нови политики во високото образование

„Министерството за образование и наука во моментов спроведува истражување во кое се вклучени сите државни универзитети и генерацијата дипломирани студенти во академската 2022/2023 година, за да се види нивото на вработливост, односно дали овие студенти се веќе вработени и колку време по дипломирањето, дали стекнатото знаење и вештини се применливи на нивното работно место, дали се задоволни со нивните приходи од работа итн. Ова ќе ни помогне попрецизно да видиме каков квалитет произведуваат нашите универзитети и што треба да се промени“.

Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на настанот на Економскиот факултет во Скопје на кој беа презентирани резултатите од проектот „Skills4Justice“ кој се однесува на прашања поврзани со миграцијата на населението и се спроведува во рамките на програмата Хоризонт на Европската Унија.

„Истражувањето ќе ни каже дали се потребни нови студиски програми, дали би било добро да се воведат интердисциплинарни студии, повеќе настава со пракса на одредени факултети, редефинирање на квоти итн. Резултатите ќе бидат корисна основа за креирање идни високообразовни политики“, рече Јаневска.

Министерката информираше дека е во фаза на подготовка на новиот Закон за високо образование, кој ќе биде добра основа за воспоставување силни основи за високото образование. Таа нагласи дека се разгледуваат можностите во законот во иднина да се вклучи мерка за вработување на најдобрите студенти од секоја генерација на јавните универзитети и научните институции.

„Се обидуваме да го унапредиме квалитетот на образованието, што во минатото често беше причина младите да заминат во други земји во потрага по подобри можности за образование. „Ќе направиме големи промени, но потребна е посилна соработка со сите засегнати страни, особено со универзитетите и бизнис заедницата, за да го запреме миграцискиот процес“, додаде министерот, нагласувајќи дека ова е голем предизвик, имајќи предвид дека во изминатите седум години во земјава имало 17.000 студенти помалку, а бројот на студенти е намален за 7.000.