Јанкулоска не се откажува од целта да се казни прислушувањето: 750 дена без прекин биле снимани сите разговори
Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, продолжи да го бара одговорот на прашањето – кој прислушуваше во Македонија, откако, Кривичен суд ја запре постапката оти на обвинетиот Сашо Мијалков и останатите им застареа делата. И овде, државата се жали дека Јанкулоска не може да тужи, бидјеќи и застарело тужбеното барање. Но одлуката дали е така, ќе ја донесе Граѓанскиот суд. На последното рочиште, исказ даде Јанкулоска, која раскажа како дознала дека е еден од најмногу прислушуваните функционери, за настанувањето на приказната „Жолти комбиња снимале“, но и за ефектите од прислушувањето.
„Правите сознанија за незаконско прислушување во Македонија, во неофицијална форма ја добив декември 2014, јануари 2015 година на начин што тогашниот премиер Груевски ме повика во канцеларија во Владата и ме информираше дека до него пристигнале сознанија од тогашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, на која средба му посочил дека поседува аудио материјали од разговори на високи државни функционери. Во таа прилика било споменато и моето име и ми прераскажа муабет, усно, кој му бил прераскажан нему. Евидентно беше дека е разговор од моја комуникација – поради соговорникот, контекстот на муабетот, но не можеше да се добие впечаток во колкав обем е прислушувањето, немаше конкретен материјал“, рече Јанкулоска.
Имало и други разговори на истата тема, со слична содржина. Јанкулоска кажа дека Заев сакал договор со Груевски за да преговара за нивно необјавување. Потоа, било информирано Јавното обвинителство од страна на Груевски. Тука настанува теоријата за „жолти комбиња“.
„Според теоријата, се водеше постапка за шпионажа, дека тоа се одвивало од трета страна, дека станува збор за странски служби и дека не станува збор за долги години прислушување“, рече Јанкулоска.
Од презентацијата на разговорите која ја правеше Заев пред медиумите, Јанкулоска добила впечаток, а смета дека тоа е впечаток и на јавноста – дека таа е најдолго прислушувана. Потсети на „пржинските преговори“, но и формирањето на СЈО. Ова, сега згаснато Обвинителство, го преземало предметот. Според неа, СЈО не сакало да и даде информација дали нејзините броеви биле директно прислушувани.
„Јас барав од СЈО дали моите броеви кои ги користев тогаш, биле таргет, на директно прислушување. Од СЈО не добив одговор, доставив претставка до Народниот правобранител за да добијам одговор кој директно не го добив. СЈО до Народниот правобранител одговори дека ако СЈО добие податок ќе извести, помина период и не ме известија. По ова СЈО го покрена предметот „Таргет-тврдина“, рече Јанкулоска.
Предметот за прислушувањето вината ја насочуваше кон УБК и Сашо Мијалков. Но не доби разрешница – застреа делата. Во делот на уништувањето Јанкулоска беше обвинета, па ослободена од вина. Додека траеле рочиштата настојувала на одговор колку долго била прислушувана.
„Преку судот по писмен пат се обратив до обвинителот со оглед дека постои информација врз основа на која јас сум прислушувана. Обвинителот даде статус на оштетени на стотици лица, јас не добив. По оваа постапка а врз основа на изведените докази, а особено на исказите на тие што имале пристап до материјалите, а ме споменуваат како лице кое најдолго и најмногу било следено, јас пак се обратив до СЈО и побарав известување на бројот на комуникации и перидоот“, рече Јанкулоска.
Одговор од СЈО никогаш не добила. Кога Обвинителството згаснува, првпат, одговор на ова прашање добива до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Добив одговор, кога се следени броевите, колку денови, колку СМС пораки, колку аудио материјали. Зборуваме за над 750 дена во континуитет, 24/7, а во обем станува збор за 150.000 уникатни СМС пораки, 15.000 аудио разговори, некои траат и со часови“, објасни Јанкулоска, посочувајќи дека ова не се сите материјали.
„Анализирајќи ги исказите на сведоците, особено на Ѓорѓи Лазаревски, се доаѓа до заклучок дека ова не е цел материјал, затоа што тој наведе, парафразирам: кога дознале дека има незаконско прислушување, селектиравме тоа што беше интересно“, додаде таа.
Раскажа дека ефектите од ваквото прислушување кај нејзе се долгорочни.
„Многу луѓе се воздржуваа, а и се воздружуваат од комуникација, се стесни кругот на луѓе, ми се промени животот. Материјалите не само што не беа повлечени од јавноста, тие се достапни и неконтролирано се шират. Се јавува автоцензура“, рече таа.
Иако не постои правна пречка, според неа, јавна функција не може веќе да извршува.
„Ако се земе во предвид дека кога се прислушувало јас ја извршував функцијата министер, не треба да се биде креативен за да се знае за какви разговори станува збор. Во нив има приватни разговори колку сакаш, тогаш имав политички ангажман, само по себе постоењето на овој обем на материјали, претставува ограничување за вршење на јавна функција или функција со јавно овластување“, рече Јанкулоска.
Посочи дека ова особено поради тоа што разговорите биле вадени од контекст. Како пример ги посочи разговорите за убиството на Мартин Нешковски кој беше преставен како таа да прикрива убиство, а всушност конотацијата на муабетот е форсирање случајот да се заврши; потоа разговорите за убиството кај Смилковското Езеро за кои се правеа теории на заговор, но беше изречена истата пресуда;
„Снимките беа вадени од контекст за политички цели“, рече Јанкулоска.
Посочи дека во многу наврати добивала закани и посочи дека еден од тие е од терористите во Диво Насеље.
„Доврлања, навреди, префрлања, негативни вредносни судови. Понижувачко однесување, ужасно! Добивав закани по пораки кога се презентираа снимките, бев на листата на непријатели објавена од терористите од Диво Насеље. Имаше слики со надгробни плочи. Дел од заканите се пријавени, а не само што немаше реакции, туку пријавувањето беше со јавен потсмев“, додаде Јанкулоска.
Таа посочи дека разговорите ги чувствува и како закана за нејзиното семејство. На крајот на судијата му посочи дека ако државата не ја гарантира приватноста на поединецот и се грубо се прекршат човековите права, Граѓанскиот суд ќе треба да испрати порака дека не смее ова да се случи повторно.
Предметот го суди судијката Кети Германова.