Во Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ќе биде потпишан грант-договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), како дел од Регионалниот проект за управување со цврст отпад, финансиран преку Европскиот заеднички фонд за Западен Балкан.
Како што соопштија од Министерството, на настанот ќе се обратат вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, и Билјана Милошеска од ЕБРД.
Грантот, во вредност до два милиона евра, е наменет за подготовка на физибилити студии и спроведување на анализи за животната средина и социјалните аспекти за Вардарскиот и Југоисточниот регион.
Од Министерството истакнуваат дека со овој договор се прави важен чекор кон воспоставување на одржливи системи за управување со отпад во согласност со европските еколошки стандарди.