Ќе се случат „болни промени“

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека реформите во рамките на иницијативата „ОН80“, започнати за зголемување на ефикасноста на ОН, ќе вклучуваат „болни промени“, вклучително и намалување на бројот на вработени.

„Нашата заедничка цел е да ја направиме организацијата поефикасна, да ги поедноставиме процедурите, да го елиминираме дуплирањето и да ја зајакнеме транспарентноста и одговорноста“, рече Гутереш , презентирајќи го напредокот на реформите пред земјите-членки, објави „Свис инфо“.

Тој нагласи дека финансиските проблеми на Обединетите нации се „хронични“, но дека тие се дополнително влошени од современите политички и буџетски околности. 

Гутереш изјави дека може да има спојување на одредени единици во Секретаријатот, поточно во рамките на Одделот за мировни операции и Одделот за политички прашања. 

Се очекува дека реструктуирањето би можело да резултира со елиминирање на околу 20 проценти од работните места во тие сектори, што би можело да послужи како насока за поширока реформа на системот. 

Покрај отпуштањата, се разгледува и преместување на канцелариите од скапи градови како Њујорк и Женева на поевтини локации.

Идентификувани се повеќе од 3.600 мандати што ОН ги добила од земјите-членки, што предизвикало преоптоварување на администрацијата.

„Дозволивме формализмот, бројот на состаноци и извештаи да станат цел сама по себе. Треба да се фокусираме на потребите на луѓето“, рече Гутереш, повикувајќи ги земјите-членки да донесат „дури и тешки одлуки што ќе овозможат реформи“.

Внатрешните работни документи сугерираат дека реформите би можеле да вклучуваат спојување на одредени агенции на ОН, иако Гутереш не ја потврди директно таа можност.

Тој најави дека тематските групи на агенции ќе предложат можни „структурни промени“ во наредниот период.