– Честитајќи ја 32. годишнината од независноста, претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека крајно време е сите да бидеме одговорни, сo бистар поглед и јасна визија за иднината која не смее да има друг правец освен тој на владеење на правото, почитување на правата и обврските на сите граѓани на Република Северна Македонија која е заеднички дом на сите.
– Со денешнава свеченост заокружуваме полни 32 години од историската одлука од референдумот на кој граѓаните ja изразија слободно својата волја, а нашите колеги пратеници ја ставија на хартија и во живот таа волја за самостојна, суверена држава со меѓународно признат правен субјективитет и рамноправен член на заедницата на народите. Беа детерминирани и стратешките приоритети кон кои ќе ја водиме и развиваме државата која беше млада, со кревка демократија и за која требаше да се постават основите за раст, развој и опстанок. Над сѐ, за да се одржи суверенитетот и интегритетот на земјата, со посебен респект кон сите што го положија најскапоценото, за да може да се постават темелите на нашиот заеднички дом, рече Џафери.
Стратешките цели беа и се уште се, како што потенцира, приоритетите околу кои се обединувавме како држава, како политичари и како граѓани, секогаш со верба дека членството во најмоќниот воено-политички сојуз, НАТО и во Европската унија на држави е клучната гаранција за обезбедување на континуитет.
-За да се исполнат тие две цели, се соочивме со предизвици кои секогаш не ставаа пред сложени крстосници кои ја тестираа нашата мудрост, нашата сила, единственост и визија. Поучени од минатото, ја извлековме и научивме најважната лекција, а тоа е дека само заедно, единствени и едногласни, имаме сила да стигнеме целосни пред заедничката цел и подготвени за успешно надминување и на следната препрека. Така го надминавме триесетгодишниот спор кој што не имаше изолирано од светот и нашето рамноправно учество во меѓународните организации и процеси. Продолживме понатака и покрај бројните дилеми, прашалници, двоумења и намалувањето на вербата кај граѓаните. Ја одржавме првата меѓувладина конференција и во исчекување сме на втората, која би значела и почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ, рече Џафери.
Новата реторика, како што вели претседателот на Собранието, оди во насока на интеграција пред зачленување, што од една страна овозможува да се почувствуваат бенефитите од членството во Унијата многу порано а на самата Унија и овозможува ефикасна оперативност со намалување на ризикот кој доаѓа со новите членки и можност за процена на посветеноста на земјите кандидати за членство.
-Посветеноста во Република Северна Македонија никогаш не отсуствувала и сите сме согласни дека интегрирањето во Европската унија нема алтернатива, ниту замена. Без оглед на меѓународните активности и процесите во кои учествуваме како земја, рече тој.
Џафери кусо се осврна на сите настани и состојби „кои доведоа до ослабување на економските, енергетските, здравствените системи и воопшто благосостојбата и напредокот на светот и државите.
-Конкретно, војната во Украина веќе подолг период ги нарушува безбедноста и стабилноста на континентот што дополнително предизвикува тешкотии во животите на граѓаните и во функционирањето на државите. Како земја, поразувачки влијаат и лошите домашни вести кои ја поткопуваат вербата во подобро утре. Последната вест со Клиниката за онкологија е потврда за степенот на девијација и губење на хуманоста помеѓу нас. Не смееме да бидеме слепи и глуви, не смееме да оставиме ова да помине неказнето. Верувам дека судската власт ќе ја потврди довербата што и е делегирана од сите нас, рече Џафери.
Време е, според него, да се радуваме на убави и позитивни вести, а за тоа да биде така, крајно време е сите да бидеме одговорни, сo бистар поглед и јасна визија за иднината која не смее да има друг правец освен тој на владеење на правото, почитување на правата и обврските на сите граѓани на Република Северна Македонија која е заеднички дом на сите.
-Да ја чуваме, да ја развиваме и унапредиме! За нас, за нашите граѓани и за сите идни генерации кои својата иднина ја гледаат таму каде што природно припаѓаат, во Република Северна Македонија, полноправна членка на НАТО и Европската унија. Нека е честит Денот на независноста, за уште многу други годишнини, рече претседателот на Собранието на приемот по повод Денот на независноат 8 Сеоптември.
На приемот присуствуваа членови на Владата, пратеници, личности од јавниот и општествениот живот, како и првиот претседавач со Собранието д-р Никола Стојановски, кој ја живее 101-та година. Од опозициските пратеници на приемот беше присутна само Гордана Силјановска Давкова.