– Процесот на преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија, случувањата во земјата во пресрет на претседателските и парламентарни избори, како и состојбите во регионот, беа главни теми на средбата на претседателот на техничката Влада, Талат Џафери и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен одржана доцна попладнево во Брисел.
На средбата на која Џафери беше придружуван од првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, е констатирано дека Северна Македонија постигна голем напредок во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Џафери истакна дека Владата во следниот период ќе продолжи со истата динамика, посветеност и навременост да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со Европската Унија, како и дека ја подржува започнатата постапка за промена на Уставот и посветено ќе работи на обезбедувањето на потребното мнозинство.
Тој и се заблагодари на Фон дер Лајен за иницијативата на Европската комисија за покренување на Планот за раст на Западниот Балкан, кој претставува конкретна понуда за забрзана интеграција на регионот, што високо се цени од страна на Северна Македонија.
Претседателката на Европската комисија, од своја страна, на Џафери му го честиташе изборот за премиер и изрази уверување дека Владата и во иднина ќе продолжи со активностите за спроведување на реформите кои се дел од пристапните преговори, но и од реформската агенда од Планот за раст.
Со средбата со Фон дер Лајен, Џафери го заврши работниот престој во Брисел, што претставува негова прва посета во странство од стапувањето на премиерската должност. Во рамки на посетата, претпладнево владината делегација предводена од Џафери имаше средби со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и со европратениците Илхан Ќучук, Тонино Пицула, Тинеке Стрик и Карло Реслер, додека синоќа се сретна со заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана.
Во изјава за МИА, Џафери посочи дека на неговите средби со претставниците на институциите на ЕУ посочил дека Владата и граѓаните на земјава опстојуваат на европскиот пат и се посветени на определбите за исполнување на условите за полноправното членство во Европската Унија.
– Во тој контекст е зацртано мојата прва посетата да биде на Европската Унија, за да се покаже и практично да се пренесе определбата и заложбата за исполнување на сите предуслови за да можеме да продолжиме кон европскиот пат, изјави Џафери.