Џо Бајден: “Можеби не сум единствениот што може да го победи Доналд Трамп, но добро го познавам и ја знам опасноста што ја претставува!“
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден изјави во средата, еден ден откако ја објави својата кандидатура за претседателските избори во 2024 година, дека можеби не е единствениот што може да го победи Доналд Трамп, но добро го познава и е запознаен со начинот на кој работи поранешниот претседател.
„Можеби не сум единствениот, но добро го познавам и ја знам опасноста што ја претставува за нашата демократија. Тоа сме го виделе и претходно“, нагласил Џо Бајден.
Џо Бајден во вторникот ја започна својата кандидатура за реизбор со ветување дека ќе ги заштити американските слободи од „екстремистите“ поврзани со Доналд Трамп, а во видео најава го прикажа нападот врз американскиот Капитол во јануари 2021 година од страна на поддржувачите на Доналд Трамп.
Џо Бајден појасни дека ќе се кандидира повторно дури и ако Доналд Трамп не се кандидирал, велејќи дека неговиот позитивен рејтинг во моментов е сличен на оној на неговите претходници.
„Многу размислував пред да одлучам да се кандидирам и се чувствувам добро, возбуден сум и мислам дека сме на работ на пресврт“, посочил Џо Бајден.
Претседателот на САД кажал дека има уште работа да се направи за да се позиционираат Соединетите Американски Држави да бидат „економски и политички безбедни на долг рок“.
„Мислам дека треба да ја завршиме работата“, нагласил Џо Бајден.
Претходно во средата, кампањата за реизбор на Џо Бајден ја објави својата прва реклама од изборниот циклус. Ги прикажува немирите во Капитол и се фокусира на прашања како што се насилството со оружје, абортусот и зачувувањето на демократијата.
Рекламата ќе се емитува на националните кабелски канали во Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Висконсин, сите клучни држави кои најверојатно ќе го одредат победникот на претседателските избори во 2024 година. Џо Бајден ги освои сите шест држави во 2020 година.
Priorities USA, демократски „супер PAC“ (политички акционен комитет), објави дека ќе потроши 75 милиони долари за дигитални реклами во овие шест клучни држави.
Рекламата не е директно антирепубликанска, туку споменува „екстремно движење кое сака да ги поништи изборите, да забрани книги и да го елиминира правото на жените да гласаат“.