Џо Бајден ѝ го честита на Вјоса Османи на Денот на независноста на Косово: “САД и Косово споделуваат стабилно пријателство и партнерство“

Претседателот на САД, Џо Бајден, испрати писмо до претседателката на Косово, Вјоса Османи, со честитки по повод 16-годишнината од независноста на Косово.

Во писмото, кое преку соопштение за медиумите го пренесе Кабинетот на Вјоса Османи, Џо Бајден вели дека САД го поддржуваат мултиетничко Косово интегрирано во европските и евроатлантските структури.

Џо Бајден порача дека САД исто така го поддржуваат дијалогот олеснет од Европската унија за постигнување сеопфатен договор за нормализација со Србија, како чекор напред кон конечното меѓусебно признавање.

Косово и САД споделуваат стабилно пријателство и партнерство засилено со заедничката визија за помирен, побезбеден и попросперитетен регион. САД силно го поддржуваат мултиетничко Косово и неговата интеграција во европските и евроатлантските институции. Ние, исто така, продолжуваме да ги поддржуваме напорите за дијалог олеснети од ЕУ за постигнување сеопфатен договор за нормализација со Србија – важен чекор кон конечното меѓусебно признавање. Заедно со државите од регионот и ширум светот, Соединетите Држави го охрабруваат косовското раководство да ги исполни сите свои обврски, вклучително и сите минати договори постигнати преку овој процес“, се вели во писмото на американскиот претседател до неговата косовска колешка.

Џо Бајден вели дека и оваа година САД очекуваат да продолжат да работат заедно со Косово за економски раст, зајакнување на демократските институции и унапредување на владеењето на правото.

Се радувам на нашата континуирана соработка за безбедност и заеднички напори за унапредување на неопходните реформи за на крајот да се постигне целта на Косово за интеграција во ЕУ“, се вели во писмото на Џо Бајден до Вјоса Османи.