65 отсто од жртвите во израелските напади во Газа се жени, деца и постари лица

– Најмалку 65 отсто од Палестинците убиени во тековната израелска воена офанзива врз Газа се жени, деца и постари лица, соопштија локалните власти од Газа.

Во соопштението на Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа се наведува дека израелските сили од 7 октомври 2023 година убиле над 18.000 деца и 12.400 жени, како и дека биле убиени вкупно 2.180 цели семејства.

5.070 други семејства останале со по само еден член.

Израелските напади досега ги однеле животите на 1.400 медицински работници, 212 новинари и 750 хуманитарни работници. Во соопштението се додава дека „систематските напади довеле до колапс на здравствениот систем во Газа и обид за замолчување на вистината.

Се потврдува дека фактите на теренот, заедно со сведоштвата на израелските пилоти и протечените информации од Армијата, на кои се повикуваат организациите за човекови права, укажуваат на намерно бомбардирање на цивилните домови и населби.

„Фактите не оставаат сомнеж дека нишанењето на цивилите во Газа е систематска политика на израелската окупација во рамките на планот за извршување геноцид и етничко чистење“, се наведува во соопштението.

Израелската Армија ја продолжи офанзивата врз Газа на 18 март, и покрај договорот за прекин на огнот и размена на заробеници постигнат на 19 јануари.

Од октомври 2023 година досега, Израел убил повеќе од 52.200 Палестинци во Појасот Газа, од кои најголемиот дел се жени и деца.

Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел исто така се соочува со постапка за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во енклавата.