– Патот што води до селото Бањска во Звечан е пуштен за сообраќај, четврти ден по вооружената пресметка на косовската полиција со тешко вооружена група од над 30 лица.
Припадниците на специјалната единица на косовската полиција и неколку оклопни возила и понатаму остануваат околу манастирот во Бањска и низ улиците на селото.
Трагите од вооружената пресметка во која животот го загуби полицаецот Африм Буњаку утрото на 24 септември сѐ уште се присутни во и околу манастирот во Бањска.
На влезот на селото се наоѓа оштетениот камион што првично се користел како блокада на патот и кој го оставила косовската полиција.
Во близина на манастирот, во еден од објектите на ова место, сѐ уште се оставени пијалаците што ги користела групата што ги нападна полициските единици, а малку подолу се забележани чаури.
Портпаролот на косовската полиција за регионот на Митровица, Ветон Елшани, изјави дека за жителите на Бањска сообраќајот бил отворен еден ден по нападот, но со зголемена контрола, додека од денес се пуштени повеќе мерки за сообраќајот.
„Во следните денови специјализираните единици сигурно ќе го проверат овој планински дел околу манастирот за да бараат неексплодирани експлозивни направи што можеби ги има“, нагласи Елшани.
Косовскиот премиер Албин Курти на владината седница изјави дека вооружената терористичка и криминална група поседува оружје вредно над пет милиони евра.
Тој рече дека случајот во Бањска докажал дека е потребна уште поголема соработка на Косово со меѓународните фактори за заштита на границата со Србија.
Косово ја смета Србија за директно одговорна за нападот што се случи во Бањска врз полициската единица.
Нападот врз косовската полиција го осудија и Европската Унија и САД.