Австрија ја гради енергетската иднина со вода – Македонија има потенцијал, но недостига визија

Австрија денес претставува европски пример за тоа како хидроенергијата може да биде темел на одржливата енергетска стратегија. Речиси 60 % од електричната енергија во земјата доаѓа од хидроцентрали, при што државата располага со околу сто големи и илјадници мали постројки. Во комбинација со ветер, сонце и биомаса, обновливите извори покриваат над 83 % од вкупното производство на електрична енергија.

Посебен акцент е ставен на малите хидроцентрали до 10 MW, во кои редовно се инвестира и кои до 2030 година може да донесат дополнителни 6 до 8 TWh. Австрискиот модел покажува дека енергијата и екологијата можат да функционираат заедно – со модернизација на старите постројки, изградба на премини за риби и враќање на природната динамика на реките.

Во државата се применува и концептот на „виртуелни електрани“, каде повеќе мали извори се поврзуваат и заеднички тргуваат со енергија на пазарот, додека најголемиот оператор Verbund произведува 90 % од струјата од хидроцентрали и складишта на енергија.

Македонската слика

Во Македонија, малите хидроцентрали имаат значаен, но скромен удел. Во земјата постојат 124 мали хидроцентрали со вкупно 133 MW инсталиран капацитет, а во 2024 година тие произвеле 308 GWh електрична енергија.

Според податоците на РКЕ, вкупното производство во 2024 изнесувало 6.129 GWh, при што домашното производство покрило речиси 89 % од потрошувачката. Од вкупната инсталирана моќност од 2.983,9 MW, обновливите извори учествуваат со 55,7 % и дале над 41 % од вкупното производство.

Особено е значаен податокот дека малите хидроцентрали имале фактор на искористеност од околу 26 %, што е повеќе од двојно повисоко од фотоволтаиците, кои и покрај 848 MW инсталирана моќност, во 2024 година произведоа 851 GWh со искористеност од 11,5 %.

Потреба од стратегија

Иако Македонија го препознава моделот на „виртуелни производители“, со петнаесет регистрирани учесници до крајот на 2023 година, сè уште нема долгорочна визија за целосно искористување на хидропотенцијалот.

Австрија го гледа водениот ресурс како интегриран енергетски и еколошки капитал, додека во Македонија сè уште доминира пристапот преку концесии и субвенции. Неискористените можности претставуваат шанса – со соодветни политики и модернизација, малите хидроцентрали може да станат двигател на енергетска отпорност и еколошка одржливост.