– Соединетите Американски Држави се уште не ги објавуваат имињата на оние кои се под истрага за корупција и кои можеби се дел од нивната црна листа, но, велат дека нема ограничувања за тоа кого може да вклучи оваа листа.
Во интервју за „Патот кон“ на Алсат, американската амбасадорка Ангела Агелер, вели дека институциите во Вашингтон се многу внимателни во темелните истраги за имињата што ги разгледале, пред да ги објават. Во истрагите се вклучени политичари, луѓе од правосудниот сектор и бизнисмени. Агелер рече дека зависи од институциите на земјата во Скопје, за тоа што ќе прават со овие лица.
-САД може да санкционираат поединци, но ние не ги апсиме, не доаѓаме овде да ги апсиме, само им кажуваме дека им наметнуваме одредени финансиски санкции или дека повеќе нема да можат да патуваат кон САД, или каква било форма на санкции што ќе ги добијат. Значи, САД може да кажат, еве имате две имиња на луѓе кои ќе ги санкционираме, и како што видовме со случаите што ги наведовте, санкциите остануваат и покрај судските одлуки што се донесени за тие лица, но не поттикнуваат никакви судски процеси овде. Ова и припаѓа на Владата на Северна Македонија, на функционерите избрани од народот на оваа земја. Тие треба да кажат: бараме од нашите избраници да преземат одговорност за корупцијата што ја гледаме секој ден, истакнува Агелер.
Прашана за последниот проект за изградба на коридорите 8 и 10Д, американската амбасадорка рече дека институциите треба да ги истражат евентуалните сомнежи за локалната компанија која ги надгледува работите. Таа додаде дека американската компанија „Бехтел“, која го гради проектот воопшто не е поврзана со овие сомнежи.
-Мислам дека мислите на сомнежите за советниците за финансиски трансакции. Ова е засебно прашање од договорот со „Бехтел-Енка“, кој беше потпишан пред 10-ина дена, и за тој договор за најголемиот инфраструктурен проект во историјата на оваа држава сме исклучително горди. Она што постојано го кажуваме е дека ако има наводи за корупција, истражете ги. Истражете ги сомнежите и ако се вистинити, покренете кривично гонење! Но, многу сме сигурни дека не се за „Бехтел“, вели Агелер во интервјуто за Алсат.