Администрацијата на Трамп сега се занимава со контроверзните браќа Тејт, врши огромен притисок врз Романија

Администрацијата на Доналд Трамп врши притисок врз романските власти да ги укинат патните ограничувања на браќата Ендрју и Тристан Тејт, познати влијателни лица и контроверзни личности на десничарските онлајн платформи.

Браќата Тејт, кои имаат американско и британско државјанство, беа уапсени во Романија во 2022 година под обвинение за трговија со луѓе, сексуално вознемирување, перење пари и водење на организирана криминална група. И двајцата ги негираат обвинувањата, додека случајот привлекува големо внимание во десничарските медиуми.

Според изворите, американски официјални лица стапиле во контакт со романската влада минатата недела, а специјалниот пратеник на администрацијата на Трамп, Ричард Гренел, го покренал ова прашање за време на состанокот со романскиот министер за надворешни работи Емил Хурезеану на Минхенската безбедносна конференција.

Гренел негираше каква било формална дискусија, но изјави дека ги поддржува браќата Тејт, што го потврди во јавните објави на социјалните мрежи. Тој, исто така, ја критикуваше наводната злоупотреба на средствата на УСАИД против „антиглобалистичките политичари“.

Браќата Тејт, кои имаат милиони следбеници во „маносферата“ – онлајн заедница која промовира машка надмоќ и го отфрла феминизмот – станаа симбол на отпорот во десничарските кругови. Ендрју Тејт често се истакнува како поддржувач на Трамп, додека Тристан Тејт тврди дека нивното влијание врз младите гласачи во САД и Европа придонесе за зајакнување на десничарските ставови.

Покрај романското судење, Обединетото Кралство бара нивна екстрадиција под обвинение за силување и трговија со луѓе, додека тие се соочуваат со граѓанска тужба во Соединетите држави за наводно принудување жена на сексуална работа. Тие неодамна постигнаа правна победа во Романија, бидејќи апелациониот суд им го врати случајот на обвинителите, но сè уште не им е дозволено да ја напуштат земјата.

Критики за Романија стигна и од американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој ги осуди романските власти за поништување на претседателските избори во земјата. Во декември минатата година, романскиот уставен суд донесе одлука за поништување на изборниот процес поради наводни нерегуларности, вклучително и софистицирана кампања на социјалните мрежи за која се сомнева дека е координирана со Москва.

Венс ја обвини Романија дека ја донела одлуката под огромен притисок од нејзините европски соседи. Критиките се интензивираа бидејќи кандидатот на десницата, Калин Георгеску, победи на изборите и планира повторно да се кандидира на новите избори во мај. Забелешките на Венс за романската политика се сметаа за поддршка за десничарските политичари кои се противат на глобалистичкото влијание и ја обвинуваат ЕУ за корумпирање на демократските институции.