– Албанскиот претседател Бајрам Бегај ќе престојува во официјална посета на НАТО на 7 месецов, соопштија од неговиот кабинет.
– Шефот на државата ќе има средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со кого ќе разговара за стратешките и безбедносните случувања во источното крило на НАТО и на Западен Балкан, стои во соопштението.
Исто така, тема на разговорите ќе биде и продолжување на поддршката за Украина, посветеноста и придонесот на Албанија во НАТО, како и очекувањата за следниот самит на НАТО, кој во јули годинава ќе се одржи во Вилнус, Литванија.
Бегај ќе биде придружуван од началникот на Генералштабот на вооружените сили на Република Албанија, бригадниот генерал Арбен Кинѓи и членови на неговиот кабинет.
Ова е прва официјална посета на Бегај на НАТО како претседател на Републиката, кој пред да биде избран за претседател беше Началник на ГШ на албанската армија со чин генерал мајор.
По средбата со Столтенберг, во 13 часот, предвидена е заедничка прес-конференција.
Албанија членка на НАТО е од 1 април 2009 година.