Бела ноќ 2025: Културна симфонија и бела елеганција на Широк сокак во Битола

Под мотото „Убавината на уметноста“, Битола и ова лето ќе ја отвори својата душа за една од најочекуваните културни манифестации – „Бела Ноќ“, што ќе се одржи на 22 и 23 август во рамки на 17. издание на БИТ ФЕСТ.

Широк Сокак ќе се претвори во голема сцена под отворено небо, исполнета со музика, насмевки и спомени. Настанот, кој со години поврзува генерации и ја слави традицијата, оваа година е целосно посветен на македонската музичка сцена и артистите кои ја носат препознатливата битолска душа во секој тон.

Првата вечер, на 22 август, е резервирана за децата. Од 19 часот на платото пред Офицерскиот дом ќе се одржи „Детски хепенинг во бело“ со настапи на градинката „Естреја Овадија Мара“, детски и тинејџерски хорови, театарски претстави, маскоти, анимации и танцови изведби.

На 23 август, плоштадот Магнолија ќе биде центарот на музиката. Од 21 часот ќе настапат DJ Тања, Поп Рок Хор „Битвокс“, Емоушн бенд, Никола Зацески, Тамара Стојковска, Бојана Скендеровски со бенд, Александра Јанева со бенд и Виктор Апостоловски.

Со едноставен дрес-код – бело, посетителите ќе имаат можност да бидат дел од уникатна атмосфера што го слави заедништвото, културата и убавината на уметноста. „Бела Ноќ“ и оваа година ветува доживување за паметење.