Со платата за март, која ќе се исплати во април, нема да има работник со плата под 21.175 денари. Долгогодишна неправда што им е направена на работниците, полека почнавме да ја исправаме, работниците земаа достоинствена плата за работата што ја работат, изјави вечерва вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи во „ телевизиски весник Сител.
„Полека почнуваме да ја исправаме долгогодишната неправда направена кон работниците. Економско-социјалниот совет денеска за прв пат во поновата историја на државата не преговара, туку само ја потврдува минималната плата. За критериумите лани се договорија социјалните партнери, владата, синдикатот, работодавачите. Од мартовската плата нема да има работник со плата под 21.175 денари“, рече Битиќи.
Битиќи нагласи дека ова е чекор напред со кој влегуваме во ерата во која работникот ќе го добива она што го заслужува, достоинствена плата за работата што ја работи.
Тој додаде дека работодавачите ќе ја почитуваат оваа одлука, која и тие ја поддржаа.
За барањето на Синдикатот на клиниките до петок да се потпише договорот за повисоки плати или ќе се активираат протестите, Битиќи рече дека тоа тешко дека ќе се случи.
„Инсистираме на општ колективен договор, кој ќе ги опфати сите во јавниот сектор и дополнително да се дефинираат колективните договори на гранките. Брзањето да го добиеме она што можеме да го добиеме не е решение. Покажавме дека е подобро да се разговара, да се дијалог, бидејќи решенијата што ги наоѓаме се поодржливи. Тоа што го направивме со минималната плата е доволен доказ дека ако преговараме да најдеме одржливо решение“, ќе се најде, рече Битиќи.