Заменик Претседател на Владата, одговорен за економски прашања, координација со економски ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, имаше средба со претставници на канцеларијата на Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP) во Виена, со кои разговараше за тековните проектантски активности кои оваа организација реализира во земјата, но и за можностите за започнување на нови проекти кои ќе придонесат за подобрување на животната средина.
Како што соопшти владината прес-служба, вицепремиерот Битиќи, кој е координатор на државните активности за зелениот климатски фонд и Соња Герберт, проект-менаџер, управување со портфолио во Западен Балкан, разговарале за проектот „Climaproof“, кој предвидува подобрување на еколошките перформанси и климатската одржливост на инфраструктурните инвестиции во Западен Балкан, од перспектива на интеграција во ЕУ.
На состанокот беше констатирано дека долгорочната цел на „Climaproof“, која ќе биде интегрирана во новиот просторен план што се изработува и ќе ги следи насоките од четвртата национална климатска комуникација одобрена во јануари 2023 година, е да придонесе да се намалат ризиците од климатските промени во регионот на Западен Балкан (СБ), но во исто време да се подигне свеста, да се зајакнат капацитетите и да се создаде здрава средина за инвестирање во зелена инфраструктура.
За време на средбата, вицепремиерот Битиќи и Методија Саздов, национален технички координатор на проектот, разменија мислења и за проектот преку кој се промовира одржливо управување со земјиштето преку зајакнување на законската и институционалната рамка, што значи подигање на капацитетите и обновување на ранливите подрачја.
Проектот има за цел да воведе, тестира и демонстрира нови методи и пристапи за борба против деградацијата на земјиштето и значително ќе придонесе за заштита на шумите.