Битиќи: Решението е иста методологија на плати за сите во јавниот сектор

Платите во јавниот сектор се регулирани со над 200 различни акти – законски или подзаконски акти и морам да признаам дека некој намерно сакал да не се грижи за нас. Решението е иста методологија на плати за сите во јавниот сектор, нагласи денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

„Зошто е направено, вие сами можете да заклучите, но мојот заклучок како граѓанин на оваа земја е дека некој намерно го направил тоа да нема систем и стабилно решение, туку алатка за манипулирање со животите на луѓето во нашата земја. Во моментов сме при крај со преговорите со синдикатите за општиот колективен договор и новата методологија на платите, која ќе биде во согласност со сите закони во државата. За жал, морам да признаам дека некој намерно сакаше да не се грижи за регулирање на системот на плати во јавниот сектор кај нас“, рече Битиќи во одговор на прашање пред почетокот на Бизнис форумот Македонија и Финска организиран од Стопанска комора.

Тој посочи дека се согласува со синдикатите основ за пресметување на платата да биде просечната и што поскоро да почне да се исплаќа зголемената плата.

„Мислам дека синдикалните организации веруваа дека ова нема да го прифатиме. На последната средба го прифативме нивниот предлог. Секако, бидејќи беше само предлог без никаква финансиска пресметка, рековме дека заедно ги одредуваме коефициентите на сложеност на сите работни места во целиот јавен сектор. Мислам дека тоа треба да го направиме што е можно поскоро и веднаш да почнеме да ги разгледуваме можностите тоа да го реализираме и оваа година“, рече Битиќи.

Не може да се очекува, додаде тој, дека веднаш ќе ја достигнеме вистинската цел, а тоа е целосно зголемување на платите денеска, сега за 50, 60, 70, 80 проценти, како што сметаат синдикалните организации.

Решението, рече тој, е иста методологија на плаќање за сите во јавниот сектор.

„Ова значи и за мојот сограѓанин кој работи на најниската позиција и за претседателот на државата, вклучително и за премиерот на државата – иста методологија на плата која ќе биде усогласена со синдикатите. Кога ќе го направиме ова, правдата, еднаквоста и солидарноста ќе се покаже на дело“, нагласи Битиќи.

Тој рече дека негова желба е да има систематско решение на Законот за минимална плата и Законот за пензиите.

Тој рече дека ни треба уште малку време за да постигнеме систематско решение, но додаде дека отпорот е голем од сите чинители бидејќи, како што рече, не сме навикнати на систематско решавање на проблемите.

Прашан со кој закон вработените во Министерството за финансии добиле ретроактивно зголемување од 30 отсто, тој прецизира дека тоа е направено согласно Законот за органски буџет и додаде дека не се исплаќа ретроактивно, бидејќи законот стапил во сила на 1 јануари годинава и имаше барање за автентично толкување од Собранието кое во меѓувреме беше направено поради што беа исплатени зголемените плати.

Што се однесува до вработените во Управата за јавни приходи, кои исто така бараат зголемување на платите за 30 отсто, рече дека се даночни работници и дека нивната дејност е дефинирана со друг закон.