Блинкен: Да се усвојат мерки за деескалација и да запре израелско-палестинското насилство

0

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека е „тажен“ поради смртта на „невините Палестинци“ во израелско-палестинското насилство, за време на средбата со палестинскиот претседател Махмуд Абас на окупираниот Западен Брег. 

„Дозволете ми на почетокот да изразам сочувство и тага за смртта на невините палестински цивили кои ги загубија животите во ескалацијата на насилството во последната година“, рече тој во седиштето на палестинската управа во Рамала на Западниот Брег, палестинска територија окупирана од Израел во 1967 година. 

Во израелско-палестинските конфликти во 2022 година загинаа 235 лица, меѓу кои речиси 90 отсто се Палестинци, покажува статистиката на француската новинска агенција врз основа на официјални израелски и палестински извори. ОН процениле дека минатата година бројот на жртви на Западниот Брег бил најголем од 2005 година. 

Израел во некои случаи призна дека неговите сили по грешка убиле цивили во, како што ги нарекува, „контратерористички“ рации. 

„Палестинците и Израелците имаат зголемено чувство на несигурност, стравот се шири се повеќе и повеќе во нивните заедници и во нивните места за богослужба“, реагираше Блинкен во Рамала. 

„Сметаме дека е важно да се усвојат мерки за деескалација, да се запре насилството и да се намали тензијата (…)“, додаде тој, повикувајќи да не се направи ништо што може да го загрози решението во форма на две држави, израелска и палестинска. 

Тој ги спомна „проширувањето на (израелските) населби, легализацијата на илегалните населби (што владата не го одобри), уривањето и иселувањето“ извршени од израелските влади. 

Блинкен, исто така, рече дека жали што „хоризонтот на надеж за Палестинците се стеснува. И тоа, мислиме, мора да се промени“. 

Патувањето на шефот на американската дипломатија, кое долго време беше планирано, започна во неделата во Египет, а завршува денеска навечер.