Бочварски – Ксифарас: Ги отворивме прашањата за заедничките гранични премини и системот за плаќање патарина

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски оствари билатерална средба со Јоанис Ксифарас, кој ја предводеше грчката делегација во име на Министерството за инфраструктура и транспорт на Република Грција.

На средбата беше потврдена добрата соработка меѓу Македонија и Грција и се разговараше за заедничките заложби за европска интеграција на регионот.

Бочварски ја истакна важноста од зголемување на соработката во областа на железничкиот сообраќај и поврзувањето на Битола со Месонисо, во Грција.

Двајцата разговарале и за отворање зелени коридори на граничните точки, како и за можноста за тарифна интероперабилност.

„Разговаравме и разменивме искуства за процесите на олеснување и подобрување на транспортот меѓу нашите земји и се фокусиравме на продлабочување на соработката, особено во областа на туризмот и превозот на патници. Ја отворив темата за отворање на граничниот пункт Маркова Нога, како и модернизацијата на другите заеднички гранични точки.  Македонија работи активно за интеграција и членство во Европската Унија, а поддршката од нашите соседи е повеќе од добредојдена“, рече министерот Бочварски.