Бројот на убиени во израелските напади врз Газа од 7 октомври достигна 36.096

– Бројот на убиени во нападите на израелската Армија врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година достигна 36.096 лица.

Во соопштението на Министерството за здравство во Газа, објавени се најновите податоци за израелските напади врз Појасот Газа во текот на изминатите 235 дена.

Наведено е дека само во последните 24 часа израелската Армија извршила пет масакри во различни делови на Газа, а во овие напади биле убиени 46 Палестинци, додека 110 се повредени.

Бројот на убиени во израелските напади од 7 октомври се искачи на 36.096, а бројот на повредени на 81.136.

Во соопштението се наведува и дека под урнатините и покрај патот има уште мртви, но поради пречките на израелските сили медицинските екипи и припадниците на цивилната одбрана не можат да стигнат до телата.

Речиси осум месеци по почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, а наметната е и целосна блокада на храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Газа каде што засолниште најдоа над милион раселени Палестинци.