Вашата омилена закуска може да ви го уништи сонот

Сите знаеме дека кофеинот е главниот виновник за несоница. Го има во кафето, чајот и енергетските пијалоци и не држи будни со стимулирање на мозокот и нервниот систем. Експертите советуваат да го избегнувате најмалку два часа пред спиење, но бидејќи може да остане во телото и до пет часа, подобро е да го избегнувате и порано во текот на денот.

Иако е очигледно дека треба да прескокнете шолја кафе или црн чај пред спиење, многу луѓе не размислуваат за скриените извори на кофеин, како чоколадото.

Чоколадото е омиленото уживање за многумина, но можеби не е најдобриот избор доколку сакате добро да спиете. Различни видови чоколади содржат различни количини на кофеин. Темното чоколадо има најмногу кофеин, млечното малку помалку, додека белото чоколадо воопшто не содржи кофеин.

За споредба, 100 грама темно чоколадо содржи околу 43 mg кофеин, млечното чоколадо 20 mg, додека белото чоколадо не содржи ниту еден. Иако ова не е ни блиску до количината на кофеин во шолја кафе (која содржи над 94 mg), можеби е доволно да го наруши спиењето за почувствителните поединци.

Но, кофеинот не е единствената „проблематична“ состојка во чоколадото.

Постои и теобромин, друг стимуланс кој се наоѓа во какаото и кој на темното чоколадо му дава карактеристичен горчлив вкус. Може да придонесе и за несоница, а колку чоколадото е потемно, толку повеќе содржи. Значи, ако имате проблеми со спиењето, можеби ќе сакате да прескокнете кој било десерт од темно чоколадо после вечерата.

Колку кофеин е премногу?

Според препораките, дневниот внес на кофеин не треба да надминува 600 mg. Но, ако сте чувствителни на кофеин, дури и многу помала количина може да предизвика проблеми. Премногу кофеин може да доведе до немир, анксиозност, несоница, забрзано чукање на срцето, па дури и дигестивни нарушувања.

Една студија од 2013 година покажа дека консумирањето 400 mg кофеин само шест часа пред спиење може да го скрати вкупното време за спиење за еден час. Значи, ако сакате квалитетен сон, можеби не е лоша идеја да внимавате на внесот на кофеин во текот на денот, а особено навечер.

Покрај чоколадото, има уште неколку намирници и пијалоци кои би било добро да ги избегнувате навечер. Тие вклучуваат кафе, црн и зелен чај, енергетски пијалоци, какао, гуарана и некои видови гуми за џвакање. Секогаш проверувајте го составот на етикетата на производот. Можеби ќе се изненадите каде се крие целиот кофеин.