Вашингтон предупреди дека новиот грузиски закон, што предизвика протести, е некомпатибилен со европската интеграција и демократскиот развој

0

 Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс предупреди дека новиот нацрт-закон во Грузија „инспириран од Кремљ“ за странски агенти е некомпатибилен со јасната желба на грузискиот народ за европска интеграција и демократски развој, јави ДПА.

„Донесувањето на такви закони, според наше мислење, ќе им наштети на односите на Грузија со стратешките партнери и ќе ја загрози нејзината евроатлантска иднина“, изјави портпаролот во Вашингтон.

Во вчерашната заедничка изјава, министрите за надворешни работи на балтичките држави Литванија, Летонија и Естонија, кои исто како Грузија се поранешни советски републики, изразија загриженост за нацрт-законот.

„Го повикуваме грузискиот парламент одговорно да ги процени вистинските интереси на земјата и да се воздржи од одлуки што можат да ги попречат аспирациите на грузискиот народ да живее во демократска земја која се приближува кон ЕУ и НАТО“.

Истовремено, тие ја повикаа грузиската влада да го почитува правото на народот на мирни протести.

Естонија го повика грузискиот амбасадор во Талин за да го изрази своето незадоволство од нацрт-законот, кој Естонија го опиша како „еклатантна контрадикторност“ со претходните заложби на Грузија за европска интеграција.