Вербална пресметка меѓу Арсовска и Елмази: „Ќе ти објаснам уште еднаш – читање до 4-то одделение се учи“

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно се најде во центарот на јавноста поради директен и груб одговор упатен до Мухамед Елмази, советник во Советот на Град Скопје од редовите на Влен. Повод за реакцијата била јавна изјава на Елмази во врска со (не)постапувањето за дивоградби во скопската општина Сарај.

Арсовска, преку објава на социјалните мрежи, му одговори со ироничен и провокативен тон, истакнувајќи дека Градот Скопје нема надлежност во Сарај кога станува збор за урбанистичко планирање и отстранување на бесправни градби. Според неа, таа надлежност недостасува бидејќи Законот за бесправно изградени објекти се однесува само на градби изградени до 2011 година, додека Сарај влегува во Генералниот урбанистички план дури во 2012 година.

„Мухамед Елмази бидејќи се закануваш, ајде за тебе ДУИ побегуљо ќе појаснам уште еднаш. За тоа што бараш да постапувам во Сарај, е исто како да бараш да одам во Битола или Тетово – немаме таму за жал надлежност за дивоградби“, напиша Арсовска.

Во продолжение, таа не штедеше навреди, додавајќи:
„Ќе ти објаснам уште еднаш, ама читање до 4 одделение се учи – ако не си разбрал првиот пат кога ти пишав, за жал нема да разбереш никогаш!“

Арсовска во својата реакција наведе и дека токму претставниците на советничката група на Елмази, како и други политички чинители, избегнале дискусија за дивоградби во општини како Сарај и Чаир. Таа сугерираше дека причините се политички, алудирајќи дека дел од советниците се директно инволвирани или имаат интерес да не се отвораат прашања за овие општини.

Дополнително, Арсовска тврди дека Елмази живее во бесправно изграден стан во Чаир, наводно добиен без надоместок, и го обвини за лицемерие. Таа дури спомена и дека „еден од екипата од општината“ веќе избегал во Косово, алудирајќи на некаква позадинска мрежа поврзана со дивоградбите.

На крајот од објавата, Арсовска ја доведе во прашање политичката доследност на Елмази, обвинувајќи го дека преминал од ДУИ во Влен во потрага по директорска функција во државната компанија „Номагас“.

Овој нов јавен конфликт помеѓу градоначалничката и советникот дополнително го интензивира тензионираниот однос во Советот на Град Скопје. Ваквите размена на лични навреди и меѓусебни обвинувања се веќе честа појава, а граѓаните се сè погласни во критиките за нивото на комуникација во локалната власт.