ВИДЕО | Србија доби ново оружје од Владимир Путин: “Ако сакаат да не нападнат, тоа ќе мора да го направат од Јадранот!“
Србија доби ново оружје од Русија и покрај санкциите воведени кон оваа земја поради инвазијата на Украина, пренесува медиумската агенција AP News.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на јавноста и го претстави новиот систем против дронови со кој располага српската Армија. Системот Repellent се користи за електронско заглавување на дронови.
„Ова е Repellent. Не е толку силно како Krasuha, но е одлично“, порача Александар Вучиќ во средата, ден пред националниот ден на Србија.
Новото оружје пристигна во Србија пред неколку месеци, пишува AP News, иако воздушниот простор околу Србија речиси целосно им припаѓа на членките на НАТО кои се согласија на западните санкции против Русија. Србија е единствената европска земја која одби да учествува во европските санкции против Русија и е единствената со официјални договори за соработка со Москва.
Србија поради преземањето на руската страна во конфликтот со Украина доби предупредувања од Брисел и закани дека нема да стане членка на ЕУ доколку продолжи. Во последно време забрзано се вооружува, а најголемиот дел од оружјето го купува од Русија. Дел од материјалот доаѓа од Кина, а дел од европските производители.
Во исто време, Александар Вучиќ често му се заканува на Косово, чиј суверенитет Белград не го признава. Претседателот на Србија во своите говори забележува дека во случај на напад на НАТО врз Србија, како оној во 1999 година, Србија би била во друга позиција.
„Тие би морале да напаѓаат од далечина, од Медитеранот или Јадранот, со крстаречки ракети“, вели Александар Вучиќ.