Во земјотресот на Крит сериозно повреден турист по лизгање на карпа

0

По лизгање на земјиштето и пад на карпи предизвикани од земјотресот од 4,9 степени повреден е турист во кањонот Самариа на грчкиот остров Крит и со хеликоптер е пренесен во болница каде што ќе биде опериран, јави дописничката на МИА од Атина. 

Според Противпожарната служба на Грција, за време на земјотресот што беше регистриран кусо пред 11 часот утрово, во кањонот имало голем број посетители, а по пад на карпа бил сериозно повреден маж кој од вработените во кањонот, во соработка со претставници на противпожарната служба бил пренесен до хелиодромот во селото, а оттаму, со хеликоптер и спасувачки тим бил префрлен во болницата во Ханиа, каде ќе му биде извршена операција.

Дел од грчките медиуми објавија дека на туристот од Шпанија му е ампутирана ногата, меѓутоа засега не постои официјална потврда.

Веднаш по земјотресот од бројот за итни случаи 112 беше испратена порака до сите оние кои се јужно од градот Ханиа да избегнуваат опасни подрачја како што се карпи, кањони, поради опасност од лизгање на земјиштето.

Со оглед на тоа дека во кањонот имало туристи, од Противпожарната служба на Грција соопштија дека во тек е процесот на евакуација.