Вучиќ по средбата со Лајчак: „Загрижен сум за ситуацијата на Косово“

0

– Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денеска по средбата со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека е многу загрижен за ситуацијата на Косово, особено во северниот дел.

„Загрижувачка е страсната потреба на Аљбин Курти (премиер на Косово, заб. ав.) да предизвикува инциденти“, рече Вучиќ на прес-конференцијата, на која зборуваше сам.

Како што рече, загрижен е и Лајчак.

„Тој разговараше со луѓе од северот и сите му го кажаа истото и ја виде решителноста на Србите да се спротивстават на теророт и тоталната окупација на Курти. Тој е загрижен“, рече Вучиќ.

Како што истакна, „се влегло во маѓепсан круг“, бидејќи „Приштина не сака да формира Заедница на српски општини“.

Вучиќ додаде дека го исплашило тоа што од Квинтата се прават „наивни“ и дека некои земји велат дека „изборите одржани на северот на Косово се легитимни, иако излегле три отсто од граѓаните“.

Зборувајќи за Советот на Европа и претстојниот самит во Рејкјавик, Вучиќ рече дека Србија ќе се воздржи од изјавување поддршка за територијалниот интегритет на Украина, Молдавија и Грузија и дека на самитот ќе биде претставена на најниско ниво.

Како што изјави, Србија со амандман барала во декларацијата да се додаде дека се зборува за територијалниот интегритет на Украина, Молдавија, Грузија и „сите други членки на Советот на Европа“, но дека „Србија разбрала дека територијалниот интегритет постои за земјите што тие ги признаваат, а не Обединетите нации“.

Во врска со трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ во која загинаа девет лица, Вучиќ на прашањето на новинарите зошто не запалил свеќа пред училиштето рече дека запалил свеќа во црква, дека можел да оди на кое било друго место, и дека немало потреба „да прави претстава“.

Вучиќ рече дека државата ќе ги исполни сите барања на родителите од Основното училиште „Владислав Рибникар“ што беа изнесени по трагедијата во тоа училиште.

Советот на родители побара реконструкција на настанот од 3 мај во кој загинаа осум ученици и училиштен чувар, информации за тоа како се одвива истрагата, објаснување што ќе биде со момчето што пукаше и статусот на неговите родители, како и целосна одговорност на лицата кои јавно објавија список со имињата на деца од седмо одделение во кои е пукано.

Тие побараа и тим од надворешни психолози и психијатри кои редовно ќе работат со учениците од седмо одделение каде се пукаше, како и децата од тој клас да влегуваат во училиштето на друг влез и училиштето да биде целосно реновирано до 1 септември.

Вучиќ истакна и дека во четирите дена од операцијата за враќање на нелегалното оружје запленети се 9.401 парче оружје и 884 минско-експлозивни направи, меѓу кои бомби и минофрлачи, што, според него, е повеќе од претходните четири акции за собирање оружје.