Газа: Израелски авиони извршија напад врз училиште на УНРВА со меѓународно забранетото оружје со бел фосфор
– Израелски борбени авиони денес со димни бомби извршија напад врз училиште на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) во бегалски камп западно од градот Газа.
Локалниот канал „Ал Акса“ објави дека израелските воени авиони гаѓале училиште на УНРВА во кампот Ал Шати со меѓународно забранетото оружје со бел фосфор.
На објавеното видео може да се види чад од бомбите што паѓаат во училишниот двор на Агенцијата на ОН, каде што се засолнети голем број раселени Палестинци поради немилосрдните израелски воздушни напади врз Газа што почнаа од 7 октомври.
„Тие ги таргетираат училиштата со фосфор“, вели жител на кампот во видеото, покажувајќи на една од димните бомби.
Според Женевската конвенција, забранети се напади врз училиштата бидејќи тие се сметаат за цивилни објекти. Но цел на Израел не се само училиштата туку и болниците, куќите и храмовите, тврдејќи дека таму или во нивна близина има воени цели.
Чадот од белиот фосфор, кога ќе се вдиши, може да предизвика брзо нарушување на работата на белите дробови и задушување.
Белиот фосфор може да предизвика изгореници од втор и трет степен на кожата и лесно е запалив при контакт со кислород. Кога се користи како бомба не само што има експлозивни ефекти туку предизвикува и пожари.