– Израелските војници кои денеска се повлекоа од Појасот Газа го направија тоа за да се подготват за идните операции, вклучително и во јужниот град Рафа, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
„Силите излегуваат и се подготвуваат за нивните следни мисии, видовме примери на такви мисии во (болничката) операција Ал Шифа, како и нивната претстојна мисија во областа Рафа“, рече Галант на состанокот со претставниците на израелските вооружена сили.
Повлекувањето на израелските воени сили во јужниот дел на Појасот Газа се чини дека е „одмор и обновување“ и не мора да укажува на какви било нови операции, рече портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.
„Како што разбравме, и преку нивните јавни изјави, ова е навистина само одмор и обновување на овие војници… и не мора да укажува на некоја претстојна нова операција за нив“, рече Кирби во интервју за телевизијата Ен Би Си во врска со прашањето за активностите преземени од страна на Израел.