Генералната директорка на УНЕСКО бара построга регулација на социјалните мрежи

0

– Генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле денеска повика на глобален дијалог за да се најде начин да се регулираат активностите на компаниите кои поседуваат социјални мрежи и да се ограничи нивната улога во ширењето дезинформации.

Азуле зборуваше на меѓународен собир на парламентарци, новинари и активисти на граѓанското општество за регулирање на социјалните мрежи како што е Твитер за да се направи интернетот побезбеден, а информациите засновани на факти.

Дводневната конференција се обидува да постави насоки кои ќе им помогнат на регулаторните тела, владите и компаниите да се справат со содржината што ја поткопува демократијата и човековите права, истовремено зачувувајќи ја слободата на изразување и зајакнување на пристапот до точни и веродостојни информации.

Азуле изјави дека глобалниот дијалог треба да резултира со правни средства и принципи на одговорност за компаниите кои поседуваат социјални мрежи со цел тие да дејствуваат за јавното добро.

– Тоа би ги намалило ризиците што ги гледаме денес, со кои живееме денес, со дезинформации и теории на заговор кои се шират побрзо од вистината, рече таа.

Минатата година, Европската унија донесе регулатива која ќе ги принуди големите технолошки компании како Гугл и Мета построго да ги регулираат своите платформи, со цел да ги заштитат корисниците во Европа од говор на омраза, дезинформации и штетна содржина.

Регулативата за дигитални услуги е еден од трите главни европски прописи насочени кон технолошката индустрија.