Герасимовски: Ги исполнивме сите проекти кои ги побараа пензионерите

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги посети пензионерите од пензионерски клуб „Невена Георгиева – Дуња“ близу Заводот за вработување во Капиштец.

Како што соопшти Општина Центар, Герасимовски ги потсети повозрасните жители на општината да не забораваат да аплицираат за бесплатните стоматолошки услуги, како и проектите „Нега на стари лица во домашни услови“ каде пензионерите добиваат домашна нега од физиотерапевти, негуватели, социолози и психолози два дена во неделата и проектот „Сервис за одмена на семејна грижа“ наменет за лицата со Алцхајмер и деменција.

-Она што како општина го ветувавме и во предизборието се реализира. 90 домаќинства се посетуваат од страна на наши обучени тимови, физиотерапевти, социјални работници коишто им помагаат на нашите повозрасни сожители. Започна и проектот во кој наши тимови на луѓе ги посетуваат повозрасните лица од центар којшто се соочуваат со Алцхајмерова болест и деменција и им помагаат на семејствата, рече Герасимовски пред пензионерите.

Општина Центар на барање на пензионерите отвори и три нови пензионерски клубови во населба Крњево и близу Универзалната сала.

-Дополнително во време на криза општината издвои 330.000 финансиска поддршка на повозрасните жители во социјален ризик. Општина Центар продолжува да вложува во проекти кои ги олеснуваат пензионерските денови и длабоката старост, се вели во соопштението од Општина Центар.