Гори во Русија – Украина нападна рафинерија

Во индустриската зона на градот Кириши, близу Санкт Петерсбург, избувна пожар по напад со украински беспилотни летала, потврди гувернерот на регионот Александар Дрозденко. Противвоздушната одбрана успеала да собори седум дронови, а пожарот веќе е изгаснат.

Ова е втор напад врз рафинеријата Киришинефтеоргсинтез (Кинеф) за неколку недели. Со капацитет за преработка од околу 20 милиони тони нафта годишно, рафинеријата е една од најголемите во Русија и е во сопственост на нафтената компанија Сургутнефтегас.

Извештаи за штета од украински дронови пристигнаа и од јужниот руски регион Воронеж, каде што според гувернерот Александар Гусев биле оштетени покривот и прозорците на индустриска зграда.

Руската војска соопшти дека во текот на ноќта соборила 117 украински беспилотни летала.