Гори танкер во Црвеното Море, нападнат од Хутите- се подготвува сложена операција за спасување

Во соопштението, Аспидес објави дека сè уште горат „неколку пожари“ на бродот со грчки регистарски табли што превезувал околу еден милион барели сурова нафта, додавајќи дека нема видливи знаци на излевање. Операцијата за спасување најверојатно ќе биде сложена, а доколку дојде до излевање на нафта, можно е тоа да биде едно од најголемите излевања на танкер во историјата, што може да предизвика еколошка катастрофа во област каде пристапот е особено опасен.

„Поради големото количество сурова нафта што го носи, MV Sounion претставува значајна еколошка закана. Приватни компании се вклучени во спасувачката операција која ќе започне наскоро“, објави Аспидес на социјалната платформа X.

Извор запознаен со случајот изјави за Ројтерс дека реморкерите се подготвени, но дека ќе биде потребна инспекција на лице место пред да се донесе одлука дали товарот ќе биде префрлен на друг брод или дали бродот прво ќе биде преместен во безбедно пристаниште.

Европската поморска мисија денеска соопшти дека ќе обезбеди заштита за реморкерите кои ќе учествуваат во спасувачката операција. Хутите напаѓаат трговски бродови за да ја поддржат Палестина во војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Танкер во сопственост на Саудиска Арабија и танкер регистриран во Панама биле нападнати денеска во Црвеното Море во близина на Јемен, соопштија два извори запознаени со инцидентот, но не е јасно дали пловилата биле нападнати од јеменските Хути.