Груби: Ништо не може да ја спречи изградбата на Коридорите 8 и 10д

0

– ВМРО лаже, многу и бесрамно или пак можеби едноставно не разбираат, објави попладнево првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на Фејсбук, откако претходно, исто така, во објава на оваа социјална мрежа, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски го обвини дека станува „фабрика за производство на лажни вести“ и дека компанијата „Бехтел и Енка“ на тендер во Србија учествувала со двојно поевтини суми отколку кај нас.

Груби во објавата посочува дека „Бехтел и Енка“ гради автопатот во Србија без тендер, со посебен закон, со истиот договор како и нашиот, поскапо по километар отколку кај нас и со многу поскап консултант отколку кај нас.

– Почитувани граѓани, не дозволете да ве лажат: ништо не може да ја спречи изградбата, само ја прави поскапа и подолга. Блокадата на ВМРО и Левица може да ги чини граѓаните над 100 милиони евра и две години подолга изградба на автопат. Пратениците одлучуваат дали автопатите ќе се градат побрзо и поевтино или побавно и поскапо, додаде Груби во објавата.

Во друга објава на Фејсбук, во врска со тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека согласно Договорот со „Бехтел и Енка“ државата на 6 мај ќе треба да плати „пенали“, Груби оцени дека опозицијата или не знае да го чита договорот, или не го разбира или едноставно секојдневно произведува лажни вести против изградбата на автопатите.

– Еве еден предизвик до нив, ако до 6 мај не се исплатат тие средства што ги бара опозицијата, кои патем речено, требаше да се исплатат до 22 април според нив, тогаш нека ја тргнат блокадата на законите за олеснување на процедурите и забрзување на изградба на автопати, наведе Груби, оценувајќи дека е неодговорна, неприфатлива, бесмислена и неоправдана блокада на опозицијата во Собранието, која може да ги чини граѓаните над 100 милиони евра и две години доцнење во изградбата на автопатите.

Јаревски, претходно денеска на Фејсбук изнесе тврдење дека „Бехтел и Енка“ во Србија се одбрани со тендер, дека автопатот што го градат таму со приближно иста должина како и кај нас вреди 750 милиони евра, а во земјава – 1.350 милијарди евра, дека километар автопат во Србија чини 7 милиони евра, а тука 20 милиони евра, како и дека надзорот на изградбата кај нашиот северен сосед го врши професионална компанија, а на „фирма за долна облека со 4 вработени“ како кај нас.

– ВМРО-ДПМНЕ не е против градба на автопат, напротив истиот автопат за Коридорот 8 го има и во нашата програма, но сме против пљачката на векот каква сега имаме пред очи… Друг пат Груби кога ќе произведува лажни вести, нека има на ум дека се што лета не се јаде…, посочува Јаревски во својот Фејсбук статус.

Неговата денешна објава претставуваше реакција на синоќешниот Фејсбук статус на првиот вицепремиер Груби, во кој тој наведе дека „Бехтел и Енка“ гради и во Србија со „истиот посебен закон и со истиот договор“.

– И кај нас специјалниот закон го изгласа Собранието, се потпиша договор со истата компанија за изградба на коридорите 8 и 10Д, а неделава Владата плати 117 милиони евра за аванс и мобилизација, наведе Груби во вчерашната објавата, дидавајчи дека лажните вести и блокадата на опозицијата во Собранието не можат да ја запрат изградбата, туку само ја поскапуваат и го продолжуваат рокот за завршување.