Груевски: Ако е храбар Мицкоски нека се соочи со мене очи в очи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го обвини неговиот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени.

За да издејствува уставни измени,  владата подготвува валкани дилови,  тврди Мицкоски. Таа планира да му вети кривична неказнивост на во Унгарија побегнатиот поранешен премиер Никола Груевски за тој да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот, пишува Дојче Веле.

Груевски, ултраконзервативниот претходник на Мицкоски на чело на партијата ВМРО, кој го симпатизираше Трамп, е обвинет и против него се водат повеќе кривични постапки за злоупотреба на службената положба, но ѝ избега на правдата во 2018 година и се засолни кај неговиот сојузник Виктор Орбан, кој му одобри политички азил.

Неодамна македонската влада во Парламентот по итна постапка ги намали казните и роковите за  застарување на кривични дела за Груевски и други сторители.  

Груевски се наоѓа во тајна комуникација со владата, тврди Мицкоски.  

Владата верува дека може да ја подели нашата партија.’  Но, тоа нема да успее, уверен е шефот на опозицијата. ‘Направивме сѐ за нашата европска перспектива. Но, нам ни се поставуваат постојано нови барања’. На тоа сега е крај, доколку не биде прифатен неговиот предлог за одложена примена на уставните измени, тогаш нема да има никакви промени на Уставот,” дециден е Мицкоски во разговорот за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија не му остана должен на Мицкоски па во фејсбук-статус даде свој коментар за нападите врз него.

Во прилог можете да го прочитате статусот на Груевски:

Во врска со изјавата на Христијан Мицковски за германскиот медиум ФАЦ а поврзано со мене, го повикувам јавно да одговори на следните две прашања:

  1. Дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум,
  2. Доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата.
    Се надевам дека одговорот ќе е јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без префрлање на изјави на преставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка.